Top Sport

Емирот од Катар и францускиот претседател во нова мисија да го убедат Мбапе да остане во ПСЖ

Францускиот претседател Емануел Макрон беше еден од главните „виновници“ што пред две години Килијан Мбапе го прекрши усниот договор со Реал Мадрид и остана во ПСЖ.

Другите двајца актери од таа приказна беа првиот човек на клубот Насер ал-Хелаифи и емирот на Катар Тамим бин Хамад Ал-Тани.

Според пишувањата на француските медиуми, оваа тројка би можела да се сретне со францускиот напаѓач утре на приемот што го приредува претседателот на Републиката за емирот на арапската земја, кој е во прва официјална посета на француската престолнина откако дојде на тронот во 2013 година.

Според француски „Ле Паризиен“, на настанот ќе присуствува и Мбапе, кој е еден од поканетите гости.

Главната причина за посетата на емирот, како што пренесува шпанскиот весник „Марка“, се преговорите што се организираат во француската престолнина за нов прекин на огнот во Газа, бидејќи Катар е земјата која посредува меѓу Палестина и Израел.

Во Елисејската палата, на приемот, покрај Мбапе ќе има и други истакнати спортисти.

Сепак, мислите на Мбапе веќе се свртени кон Реал Мадрид, па прашање е дали гореспоменатите актери кои веќе одиграа важна улога во кариерата на францускиот репрезентативец можат да го натераат повторно да ја смени својата одлука.

Scroll to Top