Селекторот на Бразил, Тите, вчера објави со кои играчи ќе се обиде да ја освои титулата на Светското првенство во Катар. Бразил е фаворит и според обложувалниците.
Според обложувалниците, Бразил е фаворит за освојување на титулата светски шампион.
Тите има различни опции на сите позиции, а најмногу се истакнуваат напаѓачите и крилата. Сепак, пензионираниот Бразилец Роналдо смета дека Ендрик, напаѓачот на Палмеирас требало да биде на спискот.
Станува збор за 16.годишник кој е на мета на најголемите европски клубови по одличните игри во јуниорската, а неодамна и во сениорската конкуренција. Уште од времето на Нејмар, бразилските медиуми не му посветиле толкаво внимание на еден млад фудбалер.
„Многумина жалат што Габигол не е на списокот, но кога јас би требало да изберам, без разлика што тој малку би играл, би го земал Ендрик“, изјави Роналдо преку Твич.
„Тој е перспективен млад човек кој веќе се однесува како професионалец. Тоа би било сензационално искуство за него“, смета 46.годишниот Роналдо, кој како 17.годишен беше дел од селекцијата која победи на СП во 1994 година. Роналдо беше на тоа СП и покрај тоа што не одигра ниту една секунда.
„Мислам дека на бразилскиот тим му недостига тоа. Дунга не го однесе Нејмар во Јужна Африка на Светското првенство во 2010 година, но затоа Пареира ме повика во 1994 година, додека Луис Фелипе Сколари го покани Кака во Јапонија и Јужна Кореја во 2002 година“, додаде Роналдо Назарио.
Ендрик, кој го прослави својот 16. роденден во јули, одигра пет натпревари за сениорскиот тим на Палмеирас и постигна три гола со една асистенција. Според европските медиуми, три клуба се борат за тинејџерот: Реал, ПСЖ и Челзи.
Откупната клаузула во договорот на Ендрик изнесува 60.000.000 евра, но тој во Европа може да пристигне кога ќе стане полнолетен, значи во јули 2024 година.