Top Sport

Ерик Тен Хаг пред портите на „Олд Трафорд“

Манчестер јунајтед го финализираат договорот со тренерот на Ајакс, Ерик Тен Хаг за да стане нивниот нов постојан менаџер, јавува „ЕСПН“, а британскиот „Телеграф“ додава дека ситуацијата „бргу се развива“ и дека потврдата може да се случи веднаш.

Тен Хаг, заедно со тренерот на Пари Сен-Жермен, Маурисио Почетино, беа сметани за најголеми кандидати да го пополнат испразнетото место по отказот за Оле Гунар Солскјер, откако Германецот Ралф Рангник беше донесен како привремено решение до крајот на сезоната. Британските медиуми последните денови тврдеа дека Јунајтед преговарале со двајцата тренери и дека наскоро ќе се донесе одлука, пред крајот на сезоната, во која „ѓаволите“ тешко дека ќе успеат да обезбедат топ 4 пласман и место во Лигата на шампионите.

Според „Индепендент“ пак, Тен Хаг на интервјуто со управата на клубот им објаснил дека се потребни пет години да се „сврти“ формата на тимот, објаснувајќи дека мора да се крене фитнес нивото на играчите и доставил листа на фудбалери како потенцијални засилувања, вклучувајќи дел од неговите фудбалери во Ајакс и Рубен Невеш од Вулверхемптон.

Тие тврдат дека Тен Хаг пристигнал на интервјуто со „досие“ на целосниот тим на Јунајтед, нешто што ги импресионирало луѓето кај „ѓаволите“.

Scroll to Top