Top Sport

Судијата Морено се „отвори“ за скандалозниот меч Јужна Кореја-Италија од 2002

Името на еквадорскиот фудбалски судија Бајрон Морено останува кошмар за италијанските фудбалски фанови, и 20 години подоцна од мечот Италија-Јужна Кореја, тој инсистира дека тоа бил еден од неговите најдобри мечеви во кариерата, иако жали што Корејците не добиле црвен картон.

Шокантната елиминација на Италија во осминафиналето на Светското првенство во Кореја и Јапонија во 2002 останува еден од најконтроверзните моменти во историјата на Мундијалите. Морено и неговите помошници на тој меч, според италијанската перспектива, направиле многу пристрасни одлуки – два поништени голови поради офсајд, пенал за домаќините и црвен картон за Франческо Тоти.

Морено подоцна во 2003 година беше исклученод ФИФА откако дозволи 13 минути продолжување во меч на клубот Лига Квито, клубот од градот каде што беше кандидиран за градоначалник. Во 2010 година, тој беше уапсен на аеродромот „ЏФК“ во Њујорк со 6 килограми хероин, тврдејќи дека бил приморан од дилерите во Еквадор кои се заканувале на неговата сопруга.

„Иако помина толку многу време, уште добивам навреди на социјалните мрежи од италијанските навивачи, но мојата совест е чиста. Судиите пред ерата на ВАР системот имаа неколку секунди да реагираат. Не се каам, бидејќи моите одлуки не влијаеја на резултатот на тој меч. На пример, црвениот картон на Тоти беше критикуван, но ако го погледнете видеото, корејскиот фудбалер стигнува прв до топката, по што тој се сопнува и симулира фаул. Правилата јасно кажуваа дека за симулација следува жолт картон. Сепак, имам една работа во која згрешив. Сун-Хон Хванг го собори Џанлука Замброта во 72. минута и Италијанецот беше повреден. Таа ситуација ме мачи бидејќи требаше да му дадам црвен картон“, вели Морено во интервју за „Ла газета дело спорт“.

Scroll to Top