Top Sport

Ериксен: Чувствував дека во Интер навистина ме сакаат

Кристијан Ериксен вели дека било тешко да се живее во „карантин“ во Италија без да се допре топка седум недели, откривајќи дека едноставно морал да замине од Тотенхем за трансфер во Интер.

„Трчав многу околу паркингот во подрумот и пресметав дека можам да истрчам 35 метри без да свртам. Не сум допрел топка седум недели. Ова е најдолгиот период во мојот живот без фудбал и сега навистина ми недостасува“, вели Ериксен во интервју за данскиот весник „Јиландс постен“.

Ериксен пристигна во Милано во јануари од Тотенхем, и немаше изнајмено куќа за да живее и го помина карантинот во зградата на Интер.

„Помислив да им кажам на Ромелу Лукаку и Ешли Јанг да спијам на нивниот кауч, но тие имаат семејства и тоа не беше изводливо. На крајот останав во просториите на клубот со готвачот и пет члена на тимот кои решија да бидат во карантин за да ги заштитат своите семејства“, објаснува Данецот.

Иако имаше само четири настапи во Серија А, два во Лига Европа и два во Копа Италија, тој вели дека се чувствува фантастично со „нераѕурите“.

„Тоа изгледаше како вистински потег за мене, бидејќи чувствував дека сакаат да потпишат со мене, а за фудбалер тоа е многу важно. Знам дека дел од навивачите на Тотенхем беа лути откако кажав дека со Интер имам повеќе шанси за титула, но тоа е вистина, бидејќи во Англија има многу силни тимови“, објаснува Ериксен.

Scroll to Top