Top Sport

Ериксен: Не очекував толку цвеќе и писма само бидејќи умрев пет минути

Кристијан Ериксен, шест месеци по страшниот срцев напад добиен на фудбалскиот терен, планира да се врати во репрезентацијата на Данска за настап на Светското првенство во Катар во декември, велејќи дека тоа е „цел и сон“.

Ериксен беше вратен во живот на теренот на „Паркен“ стадионот во Копенхаген во текот на првиот меч од ЕУРО 2020 на Данска против Финска на 12 јуни, по што беше однесен во болница, каде што му беше поставен ИЦД уред, односно мини-дефибрилатор. Бидејќи во Серија А не се дозволува играње со ваков уред, Интер и Ериксен се договорија за раскин на договорот, и шпекулациите велат дека тој наскоро ќе побара нов клуб.

29-годишниот Данец вели дека вистинскиот сон е настап во Катар, но додава дека крајната одлука ќе ја донесе селекторот Каспер Хјулманд.

„Мојата цел е да играм на Светското во Катар. Сакам да играм, и тоа ми беше менталитетот цело време. Тоа е цел, сон. Дали ќе бидам избран, тоа е друга работа. Но, сонот останува ист. Сигурен сум дека можам да се вратам на фудбалот бидејќи не се чувствувам различен. Физички сум во топ-форма, и дотогаш само ќе играм фудбал и ќе докажам дека сум на вистинско ниво. Сонот е да играм повторно на ‘Паркен’ за да докажам дека тоа нема да се повтори. Моето срце не е пречка“, вели Ериксен во интервју за данската ТВ-мрежа „ДР“.

Тој вели дека му била чудна светската реакција на неговиот случај, признавајќи дека не очекувал таква поддршка „само бидејќи умрел пет минути“.

„Беше неверојатно што толку луѓе сметаа дека мора да напишат порака или да пратат цвеќе. Тоа имаше влијание на многу луѓе и сакаа јас и моето семејство да знаеме. Тоа ме направи среќен. Во болницата само ми кажуваа дека добивам нови цвеќиња. Беше чудно, бидејќи не очекував да праќаат цвеќиња бидејќи умрев само пет минути. Поддршката ми помогна да го поминам тој период. Се заблагодарив лично на луѓето со кои се сретнав. На докторите, на соиграчите и на нивните семејства. Но, на илјадниците фанови, во Италија и во Данска, само можам да им се заблагодарам со враќање на теренот“, додава Ериксен.

Scroll to Top