Поранешниот англиски селектор, Швеѓанецот Свен-Горан Ериксон вели дека претставници од Северна Кореја од него побарале да ја „намести“ ждрепката за Светското првенство во 2010 година.
Тогаш, Ериксон беше менаџер на Нотс каунти, каде што го ангажираше Расел Кинг, кој подоцна беше осуден за измама. Швеѓанецот бил со Кинг на патување во Пјонгјанг во преговори за рударство, кога се сретнал со претставници на фудбалската федерација.
„Корејците знаеја дека сум член на фудбалскиот комитет на ФИФА. Ми кажаа: ‘Можете ли да ни помогнете?’. Јас им кажав секако, ако можам, бидејќи мислев ќе побараат дресови или топки или таква помош. Но, тие сакаа ‘едноставна’ ждрепка и јас да им помогнам. Им објаснив дека никој не може да им го даде тоа и дека е криминално. Не ми веруваа. Тоа беше најчудната средба во мојот живот“, вели Ериксон.
На Мундијалот, пак, Северна Кореја не доби лесна група – играше со Бразил, Португалија и Брегот на Слоновата Коска и заврши без победа.