Top Sport

Еспањол со бод како „планина“ против Барса (видео)

Каталонското дерби помеѓу Еспањол и Барселона беше прво за новиот тренер на домаќините, Абелардо, и во него тој успеа да „скине“ бод од Барселона одигрувајќи 2:2 во интересен прв меч во 2020 за двата тима

Барселона се враќа на првото место на табелата со 40 поени, но сега исто толку има и Реал Мадрид по 3:0 победата кај Хетафе. Од друга страна, Еспањол останува „закован“ на последното место во Шпанија со само 11 поени (четири поени од безбедната зона) и со сериозна закана дека вториот по популарност тим од Барселона ќе заврши во Сегунда во 2020, но и со надеж дека ако играат борбено како во дербито, може да се направи чудо.

А почетокот беше одличен. Давид Лопез во 23. минута од мечот на преполниот „РЦДЕ стадион“ ги донесе Еспањол до водство, кое ги крена надежите за подвиг. Сепак, прво во 50-тата минута Луис Суарез, а потоа девет минути подоцна „џокерот“ Артуро Видал го комплетираа пресвртот за 1:2 водство. Френки де Јонг доби втор жолт картон во 75. минута, оставајќи ги Барселона во незавидна ситуација.

Ова го искористи Кинезот Луи Веи, кој влезе како замена, кој доби фантастична топка од Матијас Варгас и со соло продор успеа да го совлада Нето, кој дебитираше на голот на местото на повредениот Тер Штеген.

Scroll to Top