Top Sport

Ето: Ќе умрам како „Интериста“!

Поранешниот напаѓач на Интер, Самуел Ето тврди дека ќе умре како навивач на „нераѕурите“, потсетувајќи се на трансферот од Барселона и освојувањето на Лигата на шампионите.

Ето пристигна во Интер во летото 2009 во „трампа“ со Златан Ибрахимовиќ и постигна 53 гола во две сезони, освојувајќи ја славната тројна титула под Жозе Мурињо во 2010 година.

„Ако еднаш си ’Интериста’, тогаш ќе умреш како ’Интериста’. Така одат тие работи. Мурињо ме убеди на едноставен начин – ми го прати дресот со број 9 на Интер и ми кажа дека ме чека. Имаше голема разлика помеѓу тоа што го барав како плата и тоа што ми го нудеа Интер, но им кажав остатокот да го претворат во бонуси ако ја освоиме титулата од Лигата на шампиони за две години. Десет месеци подоцна бевме европски шампиони. Ми се јави претседателот Масимо Морати и на совршен француски јазик ми кажа: ’Ето, верувај ми, ќе биде прекрасно во Интер, како дома’. Беше во право“, вели Ето во интервју за „Ла газета дело спорт“.

И покрај тоа што беше еден од најдобрите напаѓачи на својата генерација, 39-годишниот Ето играше како бек во полуфиналето од ЛШ против Барса.

„Кога Тијаго Мота доби црвен картон, Мурињо ме викна мене и Занети и ни кажа како да се поставиме на теренот. Реков, ајде да пробаме. На крајот на мечот бевме во финале“, додава Ето.

Scroll to Top