Постојат многу начини на кои еден професионален фудбалер може да ја заврши кариерата. Најчесто се работи за еден меч за збогување со навивачите и со соиграчите. Но, не и Патрис Евра.
Некои имаат среќа да завршат како Филип Лам или Чаби Алонсо, со трофеј од Бундеслигата со Баерн минатата година, или уште подобро како Дирк Кујт кој им ја донесе првата титула на Феенорд по 17 години исто така минатото лето.
Некои едноставно не добиваат збогување како што заслужуваат. Еден од нив е сегашниот тренер на Реал Мадрид, Зинедин Зидан, кој наместо за својот несомнен талент со топката ќе биде најпрепознатлив по сликата како го удира Марко Матераци со глава во финалето на Светското првенство во 2006.
Патрис Евра, на 36 години, исто така по сè изгледа реши да се збогува на најлош можен начин. Дефанзивецот на Марсеј ја загуби контролата пред стартот на мечот со Виторија Гимараеш во Лигата на Европа, удирајќи со нога еден од своите навивачи и добивајќи црвен картон пред мечот да започне.
УЕФА потврди дека отвори дисциплинска постапка кон Евра, и најверојатно ќе добие уште поголема казна. Тренерот на Марсеј, Руди Гарсија вели дека нема оправдување.
„Пат има толку многу искуство и очигледно не требаше да реагира така. На навредите не се спушташ толку ниско“, изјави Гарсија.
Евра, кој е поранешен капитен на Франција и зад себе има пет титули од Премиер лигата и една од Лигата на шампионите во осумте години кои играше во Манчестер јунајтед, дојде во Марсеј од Јувентус во јануари и има договор само до крајот на сезоната.
Тој имаше само шест настапи за Марсеј оваа сезона и инцидентот се случува во тешка недела за него. Тој го загуби местото во првиот тим од Жордан Амави, жестоко беше критикуван од медиумите и од навивачите за слабата игра.
Во Марсеј фудбалот значи сè и љубовта кон фудбалерот лесно се трансформира во омраза. Евра е секако, бескомпромисен борец на теренот и честопати зборува пред да размисли. Тој го предводеше штрајкот на француските играчи во 2010 година, ги навредуваше поранешните фудбалери во интервју со 2013 година и повторно оваа година.
„Дојдов во Марсеј бидејќи многу луѓе ми велеа да не доаѓам тука. Јас сакам да бидам каде се случува ср.њето. Тоа сум јас, навистина ми е потребно. Ништо нема да ме смени“, изјави во септември Евра за весникот „Ла провенс“.
Францускиот клуб потврди дека тој е суспендиран, а Марсеј потврди дека тој ќе добие „итен отказ“.