Top Sport

Евро 2020: Пјонтек влезе и не „реши“ за 58 секунди, Полска со три поени од Скопје (видео)

Полска си заминува со три важни поени од Скопје по 0:1 победата над Македонија, во меч во кој моравме да направиме нешто повеќе. Македонската фудбалска репрезентација го доживеа првиот пораз во квалификациите за Европското првенство во 2020 година, откако „среќниот“ гол на ѕвездата на Милан, Кшиштоф Пјонтек по само 58 секунди од влегувањето во игра ни ја запечати судбината, иако имавме шанси за далеку попозитивен резултат.

Откако во првото полувреме не успеавме да искористиме неколку ситауции и дозволивме Полјаците да ја имаат контролата на играта, посебно во средниот ред, казната дојде во 47. минута.

Пјонтек, кој влезе на местото Пжемислав Франковски, веднаш го покажа својот квалитет, откако по една катастрофално лоша реакција во нашиот шестнаесетник, топката се одби од Глик и Левандовски, пред да дојде пред нозете на Пјонтек, кој ја казни невнимателноста.

Полска повторно имаше повеќе додавања, но и нашата репрезентација имаше доволно акции пред голот на Фабијански, од кои најизгледна беше таа на Илија Несторовски. Мечот го завршивме со играч помалку по вториот жолт на Висар Муслиу.

Со победата, трета во третиот квалификациски меч, Полјаците се на првото место како апсолутни фаворити, додека Израел по 3:0 победата на гости кај Летонија се искачи на второто место со 7 поени. Австрија со 1:0 ја совлада Словенија во соседскиот дуел за први поени во квалификациите.

ГРУПА Г

Македонија – Полска 0:1

Австрија – Словенија 1:0

Летонија – Израел 0:3

Фото: Топспорт

Scroll to Top