Предлогот на УЕФА да се направи „затворен“ формат на Лигата на шампионите, во која загарантирано место ќе имаат само 24 клуба без разлика на пласманот во сопствените лиги е направен за „мал број на богати и доминантни клубови“, се пожали асоцијата на Европски лиги (ЕЛ).
УЕФА, заедно со Европската асоцијација на клубови (ЕЦА), организација на најбогатите и најславните фудбалски клубови на континентот предводена од претседателот на Јувентус, Андреа Ањели подолго време разговараат за можните промени од 2024 година.
Минатата недела се појави „костурот“ на предлогот на УЕФА – 32 тимови во Лигата на шампионите, од кои 24 места за најдобрите, а само четири места на победниците на 54-те европски национални лиги. ЕЛ, организацијата која ги собира националните европски лиги, остро се противи на ова.
„Предлогот е во корист на неколку богати и доминантни клубови, на штета на лигите и на големото мнозинство клубови од Европа. Мора да има контра-предлог со кој ќе се гарантира долгорочната спортска и финансиска структура на европските лиги“, се вели во соопштението на ЕЛ.