Фудбалерот на Арсенал, Месут Езил, објави дека повеќе нема да ира за репрезентацијата на Германија.
„Со тешко срце и по долго размислување решив повеќе да не игра за репрезентацијата на Германија. Чуствувам расна нетрпеливост и непочитување“, наведува Езил во своето соопштение.
Тој истакнал дека исклучително тешко му било да ја донесе оваа одлука.
„Некогаш го носев дресот на Германија со гордост и возбуда, повеќе не. Беше исклучително тешко да се донесе оваа одлука, бидејќи секогаш сум давал се за своите соиграчи, тренерите и добрите луѓе во Германија. Но кога високите функционери на Фудбалскиот сојуз се однесуваат кон мене онака како што се однесуваа, кога не ги почитуваат моите турски корени и себично ме користат во политичка пропаганда, тогаш навистина е доста. Расизмот никогаш не смее да биде прифатен“, пишува Езил во своето соопштение.
Езил се најде на удар на германската јавност откако во екот на претседателската кампања во Турција, се сликаше заедно со соиграчот од репрезентацијата Илкај Гундоган, со првиот човек на турската држава Реџеп Таип Ердоган.
Гундоган за разлика од Езил, веднаш се дистанцираше од евентуалните врски со турскиот претседател.
По критиките во јавноста, тој само рекол дека повеќе нема да разговара со медиумите, поради што стручниот штаб на репрезентацијата му дозволи да не биде присутен на денот на медиумите пред националниот тим да замине на Светското првенство.
Некои од политичарите во Германија почнаа да се сомневаат во лојалноста на Езил и Гундоган и бараа тие да бидат исфрлени од репрезентацијата.
Германија учеството на Светското првенство го заврши во фазата по групи со една победа и два порази, а по елиминацијата бројни медиуми и стручњаци коментираа дека, тоа што Езил бил во составот е најголемата грешка на селекторот Јоаким Лев.