Додека аргентинската репрезентација бележи успеси на Светското првенство во САД, зад сцената се одвива вистинска финансиска драма. Американските власти започнаа истрага против Аргентинската фудбалска асоцијација (АФА) под сомнение за перење пари и други финансиски злоупотреби во вредност од повеќе од 300 милиони долари.
Клучен чекор во истрагата се случи во Мајами, истиот град каде што престојуваше аргентинската делегација предводена од претседателот на АФА, Клаудио „Чики“ Тапија.
Агенти на ФБИ и обвинители на Министерството за правда на САД го испрашуваа бизнисменот Гилермо Тофони за финансиската структура што се користи за управување со меѓународните комерцијални договори на АФА.
Средбата со Тофони траеше повеќе од два часа и е дел од прелиминарна истрага насочена кон утврдување дали работењето на АФА преку банки и компании со седиште во САД претставува кривично дело според американскиот закон.
Целата ситуација добива на тежина поради фактот што раководството на АФА, вклучувајќи го и самиот Тапија, е во Соединетите Држави за време на Светското првенство. Иронично, на Тапија му е дадено посебно судско одобрение за патување и покрај тоа што му е забрането да ја напушта Аргентина.
Тој е гонет во својата татковина за наводно лошо управување со даночни и пензиски фондови во износ од повеќе од 19 милијарди песоси.
Истрагата во САД ја водат тројца федерални обвинители специјализирани за економски криминал: Патрик Гушу и Кристофер Тинг од Вашингтон и Мајкл Бергер од Канцеларијата на американскиот обвинител за Јужниот округ на Флорида.
Нивната задача е да соберат доволно докази за да одлучат дали да поведат формална кривична постапка. Досега не се поднесени формални обвиненија. Процесот е во рана фаза, а целта е да се идентификуваат сите вклучени страни, да се анализираат финансиските текови и структурите што ги користи АФА во своите меѓународни работи.
Дополнителна димензија на скандалот дава веста дека се вмешал и Европскиот парламент. Побарана е истрага за менаџментот на Џани Инфантино и наводните судиски одлуки што фаворизирале одредени национални тимови на ова првенство.
Како шшто стојат работите, овогодинешното Светско првенство во САД ќе биде запаметено, освен фудбалот, по големиот број скандали што го следат.
Foto/ EPA
