Top Sport

Федерико Гати беше ѕидар, работеше во супермаркет, а сега е ѕвезда на Јувентус

Јувентус во четвртокот стигнаа до важна 1:0 победа над Спортинг Лисабон во првиот меч од четврт-финалето на Лига Европа, а стрелец беше Федерико Гати, човек кој до пред неколку години работеше како ѕидар, поставуваше прозорци и работеше во супермаркет.

Кој е Федерико Гати?

Гати е роден во Риволи, во близината на Торино во 1998 година, и иако беше дел од академијата на Торино како фудбалер од средниот ред, својата репутација ја направи во аматерскиот фудбал. Со постери на Стивен Џерард и Френк Лампард на својот ѕид, тој сонувааше да игра во средниот ред, но бидејќи беше највисок во тимот на Павроло во 2017/18, беше поставен да игра во одбраната. Пред само три години тој играше во Серија Д со тимот на Вербанија, и повремено работеше бидејќи неговиот татко бил невработен.

„Имав многу работи, никогаш нема да го заборавам тоа минато. Тоа ми дава сила во тешките моменти. Работев од се по малку. Во супермаркети, местев прозори, работев како ѕидар. За среќа, ми успеа во фудбалот“, вели 24-годишниот Гати.

Во 2020 тој стана професионалец, потпишувајќи за клубот од Серија Ц, Про Патрија за 100.000 евра, а потоа играше за Фросиноне, каде што беше забележан од Јувентус, кои го купија за 10 милиони евра. Откако повеќе месеци беше замена за Леонардо Бонучи, Гати оваа сезона доби шанса од Масимилијано Алегри за да биде стандарден првотимец.

Тој исто така признава дека бил инспириран од кариерата на Морено Торичели, кој од својата професија како столар стана бек во тимот на Јувентус кој ја освои Лигата на шампиони. Со 400.000 евра годишно, тој е најслабо платениот играч на Јувентус.

Scroll to Top