Top Sport

Фенербахче против Галатасарај ќе игра со девет јуниор, а потоа ќе го прекине натпреварот

Фенербахче продолжува со протестите против Фудбалскиот сојуз на Турција, поради што реши да го бојкотира финалниот натпревар од Суперкупот против Галатасарај кој ќе се одигра в недела.

Фенербахче на необичен начин ќе го бокотира натпреварот. В недела на теренот ќе истрча јуниорскиот тим.

Да потсетиме, Фенербахче на почетокот на неделата ја разгледуваше можноста да истапи од лигата, но на крајот челниците се откажаа од таа идеја. Причината за ова беше нападот врз играчите на гостувањето кај Трабзонспор.

Што се однесува до Суперкупот, Фенербахче побара мечот да се одложи за друг термин и да се делегираат странски судии, но во клубот не добиле одговор од Фудбалскиот сојуз на Турција.

„Испративме писмо до Фудбалскиот сојуз на Турција во кое баравме да се одложи натпреварот или да се назначат странски судии, но бидејќи не добивме одговор ќе играме со јуниори. Освен тоа, решивме да не учествуваме во следните две сезони во Купот на Турција“, изјави потпретседателот на клубот Ерол Билечик.

Според неофицијалните информации кои ги соопшти турски „Фанатик“, Фенербахче планира на дозволен начин да го прекина натпреварот. Имено, клубот во записникот ќе пријави само девет фудбалери, а потоа тројца ќе го напуштат теренот поради „повреди“, па судијата нема да има друга опција освен да го прекине натпреварот поради недоволниот број играчи во тимот на Фенербахче и Галатасарај со службен резултат ќе го добие натпреварот.

Се уште не може со сигурност да се каже дека тоа ќе биде така, но очигледно е дека Фенербахче не планира да ги испрати сениорите во финалето на Суперкупот. Тие на социјалните мрежи споделија фотографии од последниот тренинг и го најавија следниот натпревар против Олимпијакос, во четврток во четвртфиналето на Конференциската лига.

Scroll to Top