Top Sport

Ференцварош го отпушти тренерот по срамната елиминација од клуб од Фарски Острови

Рускиот стратег Станислав Черчесов доби отказ од тренерската позиција во Ференцварош по испаѓањето во квалификациите за Лигата на шампионите. Унгарскиот гигант загуби сензационално со 0:3 на домашен терен во реваншот против Клаксвик од Фарски Острови во првото квалификациско коло и е елиминиран (првата средба заврши 0:0).

Прес-службата на клубот објави дека претседателот на Ференцварош Габор Кубатов по поразот имал разговор со Черчесов во кој го информирал за својата одлука.

Претседателот им се извини на фановите на социјалните мрежи:

„Многу ми е срам, како и на сите нас. Овој натпревар беше недостоен за Ференцварош. Ќе бидат преземени активности поради тоа. Благодарам на навивачите за сѐ“.

Черчесов во првите моменти по натпреварот не сакаше да поднесе оставка. Во исто време, тренерот ја презеде одговорноста за поразот, иако играчите на неговиот тим направија многу индивидуални грешки на теренот.

„Кога тимот игра како денес, тренерот мора да одговара. Поразот е моја вина. Такво нешто не е прв, а не е ни последен пат во мојата кариера и во кариерата на фудбалерите. Кога некој не е стопроцентно фокусиран, тогаш доаѓаат лоши резултати. На тренинзите сѐ беше во ред. Вознемирен сум, истите чувства ги имав и по натпреварот со Карабах лани, но потоа успеавме да се пласираме во осминафиналето во Лига Европа. Не се откажав ниту тогаш и нема да се откажам ниту сега“, изјави Черчесов.

Сепак, потоа доби отказ од раководството на клубот.

Scroll to Top