Поранешниот капитен на Манчестер јунајтед, Гери Невил открива дека желбата на легендарниот менаџер Сер Алекс Фергусон да ги симне Ливерпул од врвот била толку голема што тој станувал вистински „ѕвер“ кога гостувале на „Енфилд“.
Фергусон не криеше дека неговиот најголем предизвик во кариерата беше да се надминат 18-те англиски титули на лутите ривали, нешто што успеа да го направи пред пензионирањето во 2013 година, кога Јунајтед ја освоија 20-тата титула.
Невил открива дека Ферги бил „најопасен“ во домот на Ливерпул, стадионот „Енфилд“, каде што ривалството ќе продолжи овој викенд во Премиерлигата.
„Сер Алекс секогаш беше поинаков кога ќе дојдеа големите натпревари. Тој знаеше да биде опуштен, посебно последните години, во нормалните натпревари, но кога ќе се играше против Ливерпул или Манчестер сити, се јавуваше интензитетот. Искрено, тогаш постојано беше лут. Најчесто тоа се случуваше на ‘Енфилд’, на полувремето или на крајот. По крајот на натпреварот тој само ќе седеше додека сите се тушираа 25 минути. Воопшто не се движеше. Не можеше да поднесе пораз таму. А, ако победевме, без разлика како игравме, се однесуваше како тоа да е најдоброто нешто на светот“, открива Невил.