Top Sport

ФФМ бара мечот со Косово да биде одложен

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), официјално со допис до УЕФА побара одложување на натпреварот меѓу Македонија и Косово. Полу-финалниот бараж натпревар за пласман на Европското првенство е закажан за 26 март 2020 во Скопје.

Во дописот до Европската куќа на фудбалот, покрај проблемот со гледачите (забрана од македонската Влада за присуство на публика), ФФМ го потенцира проблемот со пристигнувањето на фудбалерите од репрезентацијата во нашата држава, односно евентуалната изолација за одредени фудбалери кои би пристигнале од земјите со висок степен на присуство на вирусот „COVID-19“.

Токму поради овие вонредни причини, Фудбалската федерација на Македонија е во постојана и интензивна комуникација и со Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје и во целост се придржуваме кон нивните препораки, донесените мерки или забрани.

Исто така, по консултации со претставници на Фудбалските федерации на Грузија и Белорусија, една од двете држави кои беа одредени за домаќини на финалниот натпревар од Лига на нации на 31 март за пласман на ЕУРО 2020, неофицијалните информации велат дека е можно, репрезентацијата која би обезбедила пласман во финалето, да се соочи со одредени мерки на претпазливост за здравствена заштита при влез во една од државите. И во однос на ова, ФФМ, исто така е во постојан контакт со споменатите федерации и УЕФА.

Scroll to Top