ФИФА објави дека покрена дисциплинска постапка против Фудбалските сојузи на Аргентина и Холандија, по нивниот натпревар во четвртфиналето на Светското првенство.
Дисциплинската комисија на ФИФА отвори постапка против Аргентина за потенцијални прекршувања на членовите 12 (недолично однесување на играчите и официјалните лица) и 16 (ред и безбедност за време на натпреварот). Против Холандија е покрената постапка за потенцијално прекршување на член 12.
Фудбалерите на Аргентина во петокот навечер се пласираа во полуфиналето на Светското првенство во Катар, откако по изведувањето пенали ја совладаа Холандија со вкупни 6:5.
Натпреварот беше многу тензичен, шпанскиот судија Антонио Матеу Лајос додели вкупно 15 жолти картони (осум за Аргентина и седум за Холандија), во пенал серијата црвен картон доби Холанѓанецот Дензел Дамфрис.
Откако Лаутаро Мартинез го реализирше пеалот за победа на Аргентина, аргентинските фудбалери го „исмејуваа“ противничкиот тим во центарот на теренот.
Аргентина и Хрватска ќе се сретнат во првото полуфинале на Светското првенство во вторник на стадионот Лусаил од 20 часот.