Top Sport

Фиго за „односот“ со Гвардиола: Немаше ништо, бидејќи јас сакам жени

Луиш Фиго реши да стави крај на „урбаниот мит“ дека тој и Пеп Гвардиола имале романтична врска кога беа соиграчи во Барселона.

Португалската фудбалска легенда признава дека бил близок со сегашниот тренер на Манчестер сити, но вели дека се работело за обично пријателство.

„Гвардиола беше голем пријател кој ми помогна многу. Да, тој ми беше цимер, но немаше ништо. Зошто? Бидејќи сакам жени“, вели Фиго.

Темата за хомосексуалноста во светот на фудбалот уште е „чувствителна“ и на пример, ниту еден од фудбалерите во шпанската Ла лига нема признаено дека е геј. Фиго знае зошто е така.

„Фудбалот е многу суров спорт. Играте секоја недела и ќе бидете критикувани за секакви работи, а не за тоа што сте го покажале на теренот. Ќе мора да има заштита за тие кои ќе кажат дека се хомосексуалци“, вели Фиго.

Фиго е еден од ретките фудбалери кои играле за Барселона и Реал Мадрид, откако направи трансфер кај „кралевите“ и стана „предавник“ за дел од навивачите на Блауграна. Тој има свое мислење за Барселона и за каталонските повици за независност.

„Гледам на ситуацијата со тага. Се работи за прекрасно место и луѓето кои живеат таму не се доволно разбрани. Им се вети нешто. Тажно е да се види градот поделен. Но, јас сум странец и подобро да не коментирам за тоа“, додава Фиго.

Scroll to Top