Top Sport

Циципас го победи Ѓоковиќ и закажа финале со Надал

Стефанос Циципас во драматичен меч со 3:6/7:6(4)/6:4 го победи Новак Ѓоковиќ за да се пласира во финалето на егзибицискиот Мубадала Светски шампионат во Абу Даби, каде што ќе се судри со светскиот рекет број 1, Рафаел Надал.

Ѓоковиќ почна фантастично и со два брејка стигна до 5:1 водство, пред грчкиот тенисер да се врати кога беше доцна за сетот. Вториот сет беше многу поинтересен, откако Циципас со два брејка стигна до 5:1 водство, но Србинот се врати со негови два брејка за да примора тај-брејк, кој Циципас го доби со 7:4 Во одлучувачкиот сет, еден брејк на Циципас беше доволен за победа.

Четирикратниот шампион од Абу Даби, Надал пак, со 6:1/6:3 го „збриша“ Русинот Карен Хачанов за пласман во финалето. Контролирајќи го мечот од стартот до крајот, 19-кратниот гренд слем шампион освојуваше поени како што сака за да најави дека е подготвен за Австралија опен, првиот гренд слем во 2020 во јануари.

Scroll to Top