Top Sport

Фијаско на шампионот во Мадрид – Тадиќ и Ајакс го декласираа „кралскиот“ клуб (видео)

Тригодишното владеење на тронот на Европа за Реал Мадрид заврши, а на главните прашања треба да се најде брз одговор, откако спектакуларниот Ајакс предводен од српскиот интернационалец Душан Тадиќ стигна до шокантна 1:4 победа за да ја избрише предноста на Шпанците од првиот меч од осминафиналето на Лигата на шампионите (2:1).

По ваков спектакуларен неуспех, кој доаѓа надоврзан со двата порази од лутиот ривал Барселона на домашен терен (3:0 во купот и 1:0 во Ла лига), јасно е дека Реал Мадрид е во вистинска криза, и најверојатно прв кој ќе настрада ќе биде тренерот Сантијаго Солари, но исто така сигурно е дека и на дел од фудбалерите им завршува престојот на „Бернабеу“.

Спектаклот започна уште во седмата минута, кога Хаким Зијеч го шокираше Тибо Куртоа по асистенција на Тадиќ, а веќе во 18-тата минута беше 0:2, резултат кој го водеше тимот од Амстердам понатаму по голот на Давид Нерес.

Малерозната ноќ за „Лос бланкос“ продолжи по половина час игра, кога прво Лукас се повреди (шанса доби Герет Бејл), а потоа не можеше да продолжи и дотогаш најдобриот фудбалер на Реал, Винисиус Жуниор (и беше заменет со Марко Асенсио).

Второто полувреме не донесе промена – Душан Тадиќ ја круниса одличната ноќ со убав гол во 62. минута, по што на Реал му беше потребно да дадат три гола. ВАР системот повторно беше консултиран, како на првиот меч во Амстердам кога контроверзно им беше поништен гол на „копјаниците“, но судијата Феликс Брих покажа дека голот е регуларен.

Асенсио само осум минути подоцна влеа малку надеж во чудо, за таа надеж да биде брутално „убиена“ од Данецот Ласе Шене, кој го посрамоти Тибо Куртоа со гол од слободен удар, кој белгискиот голман лошо го процени.

За разлика од овој чудесен меч, во Дортмунд немаше пресврти и изненадувања. Тотенхем допатува на преполниот „Сигнал Идуна парк“ со предност од 3:0, и и покрај желбите на 70-тината илјади фанови на „милионерите“, лесно се пласираше во четврт-финалето со победа од 0:1.

Хери Кејн се врати во голгетерска форма, откако во 49-тата минута од мечот го постигна единствениот гол за голем триумф на „Спарси“ во моменти кога нивната сезона во Премиер лигата тргна наопаку. БВБ пак, полека подзастана и во Бундеслигата и во моментов е уште еден гигант во криза, налик на Реал Мадрид.

Фото: ЕПА

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, ОСМИНАФИНАЛЕ; ВТОР МЕЧ

Реал Мадрид – Ајакс 1:4 (прв меч 2:1, вкупно 3:5)

Борусија Дортмунд – Тотенхем 0:1 (прв меч 0:3, вкупно 0:4)

 

Тадиќ ги „закопа“ Реал! Овојпат ВАР не ги спаси Реал (видео)

Scroll to Top