Top Sport

Фијаското на ждрепката за СП во 1982 (видео)

Утре во Москва, конечно, ќе се одредат групите за Светското првенство во Русија следната година, во кое (се надеваме) нема да има пропусти како на „легендарното“ извлекување за групите за СП во Шпанија во 1982 година.

Дури и ФИФА, организација која не е позната како самокритична, сама на својот веб-сајт објаснува:

„Ждрепката во Мадрид за жал ќе биде запаметена по грешката со еден од барабаните во кој имаше мини-фудбалчиња со имињата на тимовите, по што настана конфузија за да се одделат шесте јужноамерикански квалификанти во првото коло“.

Со само шест јужноамерикански тимови квалификувани за Шпанија и со шест групи по четири земји, требаше да биде едноставна задача, но проблемите почнаа од почетокот, кога тимовите беа поставени во погрешна група. Веднаш потоа стана јасно дека планот не се почитува, и топчињата повторно беа вратени во барабаните.

За работата да стане полоша, дел од ротирачките метални кафези во кои беа топчињата не сакаа да се отворат. Хоророт продолжи кога дел од топчињата почнаа сами да се отвораат додека беа во кафезите.

Уште еден момент за забележување е што ждрепката ја водеше тогаш новоименуваниот генерален секретар на ФИФА – Сеп Блатер. Сепак, срамот од ждрепката не е ништо во споредба со тоа како тој замина од позицијата претседател на ФИФА триесетина година подоцна по корупцискиот скандал.

„Научивме од грешките и се вративме на проверената работа – луѓето, а не машините да ја вршат ждрепката“, велат од ФИФА.

Ако имате силни нерви или ве „фаќа“ носталгија можете да ја погледнете и цела ждрепка од час и нешто.

Scroll to Top