Претседателот на Фиорентина, Роко Комисо објави список од 10 предлози за правење на „пооддржлив“ систем во фудбалот, откако и во минатото бараше потранспарентни правила во Серија А, но и разјаснување на односите меѓу клубовите и агентите.
Оваа декларација доаѓа во момент кога повеќе италијански клубови се под истрага за лажно пријавување на капитален профит преку продажба на играчи, а под истрага е и славниот агент со потекло од Тетово, Фаљи Рамадани.
„АЦФ Фиорентина подолго време верува дека се потребни граници за баланс за сите вклучени во фудбалот. Според ФИФА, во последната деценија, агентите кои ги претставуваат фудбалерите и тренерите заработија 3.1 милијарди евра од трансфери на играчи. Само во 2019, од 7 милијарди евра на трансфери, 700 милиони отидоа кај агентите. Во ‘затворените’ професионални спортски лиги во САД, како МЛС, НФЛ, МЛБ, НБА и НХЛ, агентите немаат толку големо влијание и се регулирани од комесари, додека во фудбалот нема регулативи, ниту транспарентност“, се вели во објавата на Фиорентина.
Ова се нивните 10 предлози.
1.Ограничување на процентот за трансфери – парите за агентите не смеат да надминуваат 5 отсто од вредноста на фудбалерот.
2.Само една сума – агентите треба да земаат пари само од една од страните, пожелно, од клубот кој купува.
3.Индивидуално претставување – во секој трансфер, агентите треба да го претставуваат само фудбалерот.
4.Солидарен систем за слободни трансфери за да се заштитат клубовите кои и покрај тоа што постојано инвестираат во развојот на фудбалерите, дел од нив си заминуваат п о крајот на договорите бесплатно.
5.Преговори само меѓу клубовите – додека фудбалероте е под договор, само клубот што продава може да ја одредува цената со клубот кој купува.
6.Подолги договори – потребни се подолги договори со фудбалерите (пожелно 5+1 година), како во Премиерлигата.
7.Ограничување на парите за агентите – тие не смеат да земаат повеќе од 3 отсто од вредноста на договорот на фудбалерот.
8.Други извори за заработка на агентите – агентите ќе можат да добијат дополнителни пари за другите договори на фудбалерите (интелектуални права, медиумски права, спонзорство), но само ако тоа не го нарушува договорот на клубот со фудбалерот.
9.Сметководство – да се води сметка на сите исплати на агентите.
10.Постојана транспарентост – сите суми исплатени на агентите од клубовите треба јавно да се декларираат кај ФИФА и УЕФА и даночните служби.