Top Sport

Фламенго го освои Копа Либертадорес, Ривер со судбина како Баерн од 1999. (видео)

Бразилски Фламенго по вторпат го освои Копа Либертадорес, откако предмалку во супер интересно финале во Лима славеше триумф со пресврт против бранителот на титулата, Ривер Плата од Аргентина.

Резултатот на крајот на финалето беше 2-1 за бразилскиот тим, иако во 89 минута на семафорот стоеше 1-0 за тимот од Аргентина.

Ова финале екстремно многу потсетува на финалниот меч во Лигата на шампиони на УЕФА што во 1999 година се одигра на „Ноу Камп“, Барселона. Тогаш минхенски Баерн имаше 1-0 до 89 минута, а Манчестер Јунајтед со головите на Шерингам и Солскјаер направи целосен пресврт за само 3 минути.

Фламенго од првиот удар кон противничкиот гол дојде во водство. Де Ла Круз центрираше од десната страна, противничката одбрана беше неспретна, не ја расчисти опасноста, па Рафаел Сантос Боре погоди за водство на својата екипа од 1-0.

До крајот на полувремето, „црвено-црните“ неколкупати опасно се заканија, но сепак на одмор се отиде со истиот резултат.

Во второто полувреме бразилскиот тим имаше повеќе од играта, создаваше шанси, но немаше реализација.

Се играше 89 минута кога на асистенција на Де Араскаета, Габриел Барбоса (Габигол) погоди за израмнување 1-1.

Додека Аргентинците се уште беа во шок, и се обидуваа мечот да го одведат во продолженија, погреши Пинола, па Габигол со удар од 16 метри погоди за 2-1.

Следуваше ерупција на трибините поради победата која бразилската екипа ја чека цели 38 години.

Scroll to Top