Top Sport

Флорентино Перез: Фудбалот умира, но Суперлигата не е мртва

Претседателот на Реал Мадрид и еден од предводниците на проектот за Европската Суперлига, Флорентино Перез тврди дека паралелниот шампионат за европската елита не е „мртов“ и верува дека со тој проект ќе се подобри ситуацијата во „фудбалот кој умира“.

Објавата за формирање на Суперлигата предизвика вистински фудбалски земјотрес во Европа, откако 12 клуба (Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Арсенал, Тотенхем, Челси, Ливерпул, Реал Мадрид, Атлетико Мадрид, Барселона, Јувентус, Интер и Милан) објавија дека ќе се формира натпреварување со почетен капитал од речиси половина милијарда евра.

Лутата реакција на фановите и на фудбалската јавност предизвика девет од клубовите да се повлечат во првите 48 часа по објавата, но Јувентус, Реал Мадрид и Барселона остануваат зад проектот и Перез вели дека УЕФА не може да им направи ништо.

„УЕФА не може против луѓето или клубовите и веќе сопре со заканите за казни. Не зборувам повеќе со Александер Чеферин, но не е возможно сите ние да губиме пари, а Чеферин да заработува. Ова се луѓето со привилегии додека фудбалот умира. Зошто само 12 клуба и зошто тие клубови? Тие имаат најмногу фанови. Колку навивачи имаат Ливерпул или Јувентус? Покрај тоа не се работеше за целосно затворен систем и лигите ќе опстанат. Не сакам да исклучувам никого, но јасно е дека нема место за сите. Рома-Сампдорија носи многу помалку интерес отколку Манчестер јунајтед-ПСЖ. Затоа ние се грижевме за фановите. Кој има повеќе фанови, Манчестер или Рома?“, прашува Перез.

Тој инсистира дека проектот не е „мртов“ и дека големите мечеви во Суперлигата ќе предизвикуваат огромно внимание.

„Ништо не е пропаднато. Работиме 2 години со 12-те тимови за да направиме формат кој ќе биде интересен, бидејќи да бидеме искрени, фудбалот умира. Повеќето натпревари веќе не предизвикуваат внимание. Ако нема публика, ќе нема ниту пари од ТВ-правата“, објаснува Перез.

Scroll to Top