Top Sport

Милевски ќе биде новиот селектор на Македонија

Kако што беше очекувано, Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), го потврди Благоја Боби Милевски за нов селектор на А-репрезентацијата, откако досегашниот селектор Игор Ангеловски потврди дека заминува по крајот на неговиот договор.

Милевски, поранешниот тренер на Вардар, а сегашен селектор на У-21 репрезентацијата, ќе почне со работа од 1 август 2021, а на негово место во младинската репрезентација ќе биде поставен Драган Канатларовски.

„Најпрвин, од мое лично и од име на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија упатувам благодарност до Игор Ангеловски за неговата работа и придонесот кој го даде за успесите со македонската А репрезентација. Игор Ангеловски самиот најави дека по завршувањето на Европското првенство ќе бара нови предизвици во својата кариера и сега е време ние да ја почитуваме неговата одлука и да ја  покажеме нашата благодарност за неговата работа и страст во сите овие години на чело на македонската А репрезентација. Визијата за нашата фудбалска иднина со Благоја Милевски на местото селектор на македонската А репрезентација е кристално јасна. Тој е човекот кој го регенерираше македонскиот фудбалски крвоток, создаде неверојатна група на фудбалери кои зад себе веќе имаат настап на две Европски првенства, младинско и сениорско и уверени сме дека тој пат мора да продолжи. Му даваме доверба на Благоја Милевски да ја предводи македонската А репрезентација поради неговиот карактер, работната етика и човечките квалитети. Тој е тренер кој става личен печат на тимовите кои ги предводи и човек со дисциплина и исклучителна ментална сила“, изјави претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.

Фото: ФФМ

Scroll to Top