Top Sport

Франција е вториот освојувач на титулата во Лигата на нации

Фудбалската репрезентација на Франција стигна до титулата во второто издание на Лигата на нации на УЕФА. „Галските петли“ предводени од напаѓачкиот тандем Мбапе – Бензема повторно со пресврт стигнаа до победата, овојпат против Шпанија со 2-1.

На дерби-пресметката на „Сан Сиро“ 60 минути беше мирно, со понеколку шанси пред двата гола, на Унаи Симон и Уго Лорис.

Потоа следуваа возбудливи 30-тина минути кои започнаа со ударот во пречката на бекот на Милан и на Франција, Тео Хернандез.

Веќе во наредниот напад Микел Ојарзабал во 64 минута по додавањето на Бускетц носи водство за „Фуријата“ од 1-0.
Само две минути подоцна Франција израмнува на 1-1. Триаголникот Погба – Мбапе – Бензема им пресуди на Шпанците.

Голгетерот на Реал Мадрид бие прецизно во горниот лев агол, а иако голманот Унаи Симон ја закачи топката, немаше сила да спречи израмнување.

Се редеа шанси во двата шеснаесетника, а Мбапе ја донесе победата во 80 минута. Тео Хернандез одлично го проигра во празно, за милиметри беше избегнат офсајд, а во манир на расен стрелец, под голманот Мбапе ја затресе мрежата на Шпанија. Останува отворено прашањето дали ВАР погреши во оваа ситуација?


До крајот на мечот Ојарзабал и Пино одлично шутираа, но Уго Лорис беше на висина на задачата.

Scroll to Top