Top Sport

Францускиот Сенат утврди дека навивачите на Ливерпул не се виновни за хаосот на финалето на ЛШ

Францускиот Сенат во својот извештај за случките на финалето на Лигата на шампиони помеѓу Реал Мадрид и Ливерпул во Париз, утврди дека првичните извештаи дека навивачите на Ливерпул се виновни за хаотичните сцени пред „Стад де Франс“ се без основа и дека Франција мора да направи повеќе при организација на големи спортски натпреварувања.

Првично, УЕФА, француската спортска министерка Амели Удеа-Костера, министерот за внатрешни работи Жерал Дарманин и шефот на полицијата во Париз, Дидие Лалемен ги обвинија англиските навивачи за одложувањето на мечот за повеќе од половина час, откако полицијата со солзавец ги растера навивачите пред стадионот. УЕФА ќе ја заврши својата независна истрага во септември.

„Не е фер да се каже дека навивачите на Ливерпул ја сносат одговорноста за проблемите кои настанаа, како што искажа министерот за внатрешни работи за да го сврти вниманието од државата која не успеа адекватно да организира големо натпреварување, ниту да спречи стотина насилни и координирани криминалци. Постоеја големи недостатоци во рутата за навивачите и недостаток на комуникација“, се вели во извештајот.

Scroll to Top