Според францускиот спортски весник „Л’Екип“, мечот од Лигата на шампионите помеѓу Лион и Јувентус имал многу важна улога во ширењето на корона вирусот во Франција, откако слично се тврдеше и за мечот Аталанта-Валенсија на „Сан Сиро“ во Милано.
„Л’Екип“ го нарекува дуелот „меч нула“, и го цитира докторот Марсел Гаригу-Граншам, кој смета дека италијанските фанови кои пристигнале во Франција да го гледаат мечот во кој Лион победи со 1:0 донеле вирус во градот, и дека тој морал да биде откажан.
„Мечот не смееше да се оддржи, бидејќи дојдоа фанови од цела Италија во Лион“, вели Гаригу-Граншам.
Весникот „Ле паризиен“ пак, тврди дека мечот Пари Сен-Жермен-Борусија Дортмунд на 11 март, кога илјадници фанови се собраа пред „Паркот на принцовите“ откако беше одлучено да се игра без публика, бил „клучен“ за ситуацијата во француската престолнина.