Top Sport

„Фудбал ликс“: Серхио Рамос паднал на допинг тест по финалето на ЛШ во 2017!

Капитенот на Реал Мадрид, Серхио Рамос се најде во незавидна ситуација да ја брани својата невиност, откако веб-сајтот „Фудбал ликс“ открива дека тој паднал на допинг-тест по финалето на Лигата на шампионите во 2017 година.

Според „Фудбал ликс“, кои досега објавија повеќе доверливи информации од светот на фудбалот, најмногу за даночните „измами“ кои ги прават фудбалерите и клубовите, но и за наводната организација на Суперлигата на најмоќните тимови, 32-годишниот ветеран бил позитивен на дексаметазон, но избегнал казна.

Според правилата на УЕФА, ова средство, кое е кортикостероид и се користи за различни ревматски проблеми, кожни болести и сериозни алергии, е дозволено да се користи, но само со претходна лекарска препорака и со најава.

Германскиот „Дер шпигел“, кој е „партнер“ на „Фудбал ликс“ тврди дека случајот останал прикриен од страна на УЕФА, која не поднела никаква постапка против фудбалерот, но и против лекарот на Реал Мадрид.

Според весникот, УЕФА само прифатила „извинување“ за позитивниот тест, и тоа преку писмо од Рамос од четири реда, во кое одговорноста за позитивниот тест се префрла на клупскиот доктор.

Реал Мадрид го победи Јувентус со 4:1 во тоа финале од Лигата на шампионите во Кардиф, а Рамос го одигра целиот меч.

Фото: ЕПА

Scroll to Top