Извршниот потпретседател на Манчестер јунајтед, Ед Вудворд имал итен состанок со фудбалерите на клубот во Керингтон во понеделникот наутро, на кој фудбалерите се побуниле за планот за Европската суперлига, тврди британскиот таблоид „Дејли мејл“.
Според нивните извори, дел од фудбалерите биле лути што дознале за овие планови преку медиумите, иако Јунајтед имаат централно место во планот, заедно со Реал Мадрид и Јувентус. Дел од нив исто така сметаат дека Оле Гунар Солскјер бил неправедно ставен во ситуација да ја објаснува Суперлигата по 3:1 победата над Барнли во неделата.
Вудворд, кој неодамна се пресели од Манчестер во Лондон, им објаснил на фудбалерите дека се работи за најдобрите интереси на клубот.
Бруно Фернандеш, главната ѕвезда на Јунајтед оваа сезона, беше еден од првите фудбалери од големата 12-ка која ја формираше Суперлигата, кој јавно на социјалните мрежи ја критикуваше Суперлигата, споделувајќи ја пораката од неговиот сонародник Даниел Поденсе со порака: „Некои работи не можат да се купат со пари“.