Top Sport

Фудбалерите посакуваат триумф над Малта за да ги подразбудат надежите за ЕВРО 2024

Топспорт во Малта,

Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва (20.45 часот) во Ла Валета го игра петтиот натпревар од квалификациите за ЕВРО 2024. Противник е селекцијата на Малта против која избраниците на Благоја Милевски ја обезбедија и единствената победа досега во циклусот.

Во Скопје, Македонија славеше со 2:1, потврди дека е поквалитетна селекција, но далеку од тоа дека Малтежаните се лесен и наивен противник. Го потенцира тоа и селекторот Милевски.

„Малта воопшто не е наивен ривал, можевме да се увериме во тоа и на првиот натпревар во Скопје. Иако победивме, сепак, противникот даде силен отпор. Сега играат дома и треба да бидеме максимално фокусирани. Поквалитетни сме, но ќе треба да го докажеме и на теренот. Ова е можеби најважниот меч за нас во овие квалификации, доколку победиме, ќе се впуштиме во трка и за горните позиции во групата“, истакна селекторот Благоја Милевски.

Тој нема да прави големи измени во тимот во однос на претходниот меч со Италија. На голот сега ќе биде Дамјан Шишковски, откако Столе Димитриевски заработи повреда на рамото.

Поради повреда нема да може да настапи и Аријан Адеми, па повторно во средниот ред шанса ќе добие Агон Елези, покрај капитенот Енис Барди и Јани Атанасов.

Натпреварот меѓу Малта и Македонија е закажан за 20.45 часот, на Националниот стадион во Ла Валета. Се очекува репрезентацијата на Македонија да има и завидна поддршка од трибините, со оглед дека во Малта живеат и работат околу 10.000 Македонци.

Scroll to Top