Top Sport

Фудбалерите против попладневните мечеви во италијанското лето

Плановите дел од мечевите во Серија А да се играат од 16.30 часот во сред италијанското лето предизвикаа бура на реакции кај фудбалерите, кои сметаа дека се работи за скандалозна одлука.

Серија А би требало да се рестартира во средината на јуни по договарањето на протоколот за мечеви помеѓу италијанската влада и лигата, а до крајот на сезоната има дури 12 кола. Италијанските медиуми тврдат дека лигата планира да има повеќе мечеви во ист ден со стартови во 16.30, 18.45 и 21.00 часот.

„Да се игра во 16.30 часот во средина на летото во јули? Нема теорија да играме тогаш. Претседателите на клубовите мислат на ТВ-правата, а не на здравјето на фудбалерите“, изјави Умберто Калкањо, потпретседателот на Италијанската асоцијација на фудбалери (АИЦ) за „Ла република“.

Капитенот на Бреша, Даниеле Гасталдело беше уште построг.

„Го ризикувате здравјето на фудбалерите. Со толку мечеви, со игра на високи температури. Да се игра во 16.30 е скандалозно!“, изјави Гасталдело.

Scroll to Top