Фудбалерите од Премиер лигата на „широко“ користат снус, стимулант кој е забранет во Британија за добивање на предност пред ривалите, тврди британскиот таблоид „Дејли мејл“.
Што точно е снус? Се работи за продукт од тутун кој потекнува од Шведска, и кој се поставува над горната усна и дава речиси трипати повеќе никотин од обичната цигара. Снусот според извештаите ја зголемува будноста, моќта и силата, но продажбата е забранета во поголемиот дел од Европа, вклучувајќи ја и Велика Британија од 1992 година поради поврзаност на користењето со рак. Во ЕУ, снусот е нелегален секаде освен во Шведска.
Еден од првите фудбалери кои беа забележани со стимулантот беше напаѓачот на Лестер и на англиската репрезентација, Џејми Варди, а сега „Дејли мејл“ тврди дека еден фудбалер, страствен корисник на снус е на терапија за рак на непцето. Дел од менаџерите пак, тврдат дека фудбалерите понекогаш го користат и во текот на мечевите, а еден англиски клуб го казнува поседувањето со 10.000 фунти.
Варди, кој беше забележан со снус на Евро 2016 во Франција, признава дека го користи, нешто што го напиша и во својата автобиографија „Од никаде“.
„Да се прават работи според правилата никогаш не бил мојот стил. Кога дојдов во Лестер, почнав да користам снус. Претходно пушев по некоја цигара, но не ми помагаше да се смирам. Мислам дека многу фудбалери го користат, некои дури и во тек на мечеви“, напиша Варди.
Џон Бремхол, заменикот директор на Асоцијацијата на играчи во Премиер лигата (ПФА) вели дека е свесен дека снус се користи.
„Ќе видиме дали постои потреба да се едуцираат фудбалерите за ризиците за користење на оваа супстанција“, вели Бремхол.