Женскиот тим на Барселона го освои вториот трофеј во Лигата на шампионките. Каталонскиот тим направи неверојатен пресврт и го победи Волфсбург со 3:2 во спектакуларно финале кое се одигра пред преполни трибини на стадионот „Филипс“ во Ајндховен, со капацитет од 35.000 луѓе.
Девојките на Џонатан Жиралдес по вторпат стапнаа на европскиот трон, откако тоа го направија и во 2021 година.
Ева Паџор и Александра Поп донесоа предност за Волфсбург од 0:2 по првото полувреме. Но, потоа следуваше неверојатен пресврт.
Патрисија Гуихаро за три минути израмни со два гола, постигнати во 48.и во 50.минута.
Победничкиот гол за Барселона беше дело на Фридолина Ролфо во 70.минута од мечот.