Top Sport

Фудбалската бајка за Меси заврши со светска титула по пенал-серијата против Франција

По едно неверојатно драматично финале, Аргентина ја освои својата трета светска титула, победувајќи ја Франција на пенали со 4:2 по неверојатните 120 минути во кои беше 3:3, за Лео Меси, конечно, да ја круниса својата фантастична кариера со најголемиот трофеј во фудбалот.

На моменти на финалето во Доха изгледаше дека Аргентинците не можат да загубат, но Франција секогаш успеваше начин да се врати, предводени од хет-трикот на Килијан Мбапе, за на крајот трофејот да се одлучува во пенал-серијата, каде што Аргентинците беа безмилосни и постигнаа четири гола, додека Кингсли Коман и Орелиен Чуамени не дадоа голови.

Аргентина имаше 2:0 водство по само 36 минути игра, откако Лео Меси со гол од пенал и „џокерот“ Анхел ди Марија ја крунисаа одличната игра и тоталната „блокада“ на Французите. Откако првпат упатија удар на голот на противникот по повеќе од час игра, Французите направија неверојатен камбек – за 95 секунди Килијан Мбапе даде два гола, еден од пенал и еден од игра, за да се отиде во продолженијата. И во продолженијата не недостасуваше драма – Лео Меси го постигна својот втор гол и до трофејот ги делеа 10-тина минути, пред да биде досуден уште еден пенал, кој Мбапе го реализираше за 3:3.

Во пенал-серијата, Мбапе повторно како прв беше прецизен, пред истото да го повтори Меси, но потоа обидот на Коман беше одбранет од Емилијано Мартинез, додека Чуамени шутна покрај голот за славје на Аргентинците.

Графика: Sofascore за Топспорт.мк

Scroll to Top