Генералниот директор на Монца, Адријано Галијани тврди дека не го „предал“ Милан кога се вратил во својот стар клуб да му помогне заедно со Силвио Берлускони да се вратат во Серија Б, и во исто време ја отфрли можноста Ибрахимовиќ да заигра за второлигашот следната сеона.
„Тоа што се приклучив на Монца не значи дека го предадов Милан. Пред да отидам во Милан, бев во Монца и потоа се вратив во клубот од мојот град. Никогаш не помислив да одам во друг клуб кој не е Милан, но Монца е мојот роден град“, вели Галијани за „Скај спорт Италија“.
Тој ги отфрли шпекулациите дека клубот ќе се обиде да го донесе Златан Ибрахимовиќ, кога договорот на шведскиот ветеран ќе заврши со Милан.
„Постојано сум во контакт со Ибрахимовиќ, но само бидејќи тој е стар пријател. Невозможно е да игра за нас, поради правилата. Во Серија Б има лимит на фудбалери кои се родени пред 1997 година“, вели Галијани.