Top Sport

Галијани: Ван Бастен ќе беше како Меси и Роналдо да не беа повредите

Поранешниот директор на Милан, а сега директор на новиот италијански прволигаш Монца, Адријано Галијани смета дека Марко ван Бастен ќе освоеше исто толку „Златни топки“ како Кристијано Роналдо и Лионел Меси да не му беше прекратена кариерата со повредите.

Ван Бастен освои три „Златни топки“ во кариерата и Галијани секогаш го преферирал како фудбалер.

„Милан имаат осум освојувачи на ‘Златната топка’, но Марко ван Бастен останува во моето срце. Освои само три бидејќи мораше да се повлече на 28 години поради повредата на скочниот зглоб. Да продолжеше ќе имаше исто колку Меси и Роналдо. Кога ќе се сретнам со Марко, секогаш паѓам на коленици, и тој се смее, но за мене тој е како Богородица. Најдобар играч кој сум го имал во Милан“, вели Галијани.

Ван Бастен пристигна во Милан во 1987 од Ајакс, но веднаш беше на операција на скочниот зглоб, паузирајќи шест месеци. Кога заигра, тој ги предводеше Милан до четири титули од Серија А, три од Лигата на шампионите, постигнувајќи 125 гола во 201 меч и освојувајќи ја „Златната топка“ во 1988, 1989 и 1992 година.

Scroll to Top