Top Sport

Гана пред СП се засили со шестмина играчи

Фудбалската репрезентација на Гана изненади со пласманот на Светското првенство во Катар бидејќи во дополнителните квалификации ја совлада фаворизираната Нигерија. Во Катар ќе играат со Португалија, Уругвај и Јужна Кореја.

Гана со големи амбиции ќе настапи на Светското првенство. Националниот тим се засили со шестмина фудбалери кои досега играче за младинските селекции на Шпанија, Англија и Германија.

Најпознато име меѓу нив е Инаки Вилијамс (28), напаѓач на Атлетик Билбао. За шпанската репрезентација до 21 година има настапувано 17 пати, а има и еден настап на пријателски натпревар за сениорската селекција. Тој е познат и по тоа што шест последователни сезони ги одигра сите можни 38 натпревари во шпанското првенство.

За Гана ќе настапува и десниот бек Тарик Ламптеј (21), фудбалер на Брајтон кој ги мина сите младински селекции на англиската репрезентација од У-18 до У-21. Во мај ја одби поканата на англиската репрезентација до 21 година.

Од Англија пристигнува и стоперот Мохамед Салису, единствениот од овие шест играчи кој е роден и израснат во Гана. Досега во татковината беше обвинуван дека одбива да игра за репрезентацијата, но сега тоа веќе не е така. Минатата сезона беше стандарден во Саутемптон.

Списокот на нови играчи се заокружува со трио од Германија. Станува збор за двајца фудбалери на ХСВ, напаѓачот Рансфорд Јебоа Конигсдерфер (21) и дефанзивецот Стефан Амбросиус (23), како и дефанзивецот на Дармштад, Патрик Фајфер (22). Сите играа за младинските селекции на Германија, но сега решија да ја претставуваат земјата од која потекнуваат нивните родители.

Фудбалскиот сојуз на Гана се обидува да убеди уште двајца Англичани да го облечат дресот на „црните ѕвезди“.

Станува збор за крилниот напаѓач на Челзи, Калум Хадсон-Одои и напаѓачот на Арсенал, Еди Нкетија.

Scroll to Top