Top Sport

„Гардијан“: Погба од Јунајтед би можел да заврши во Сити

Пол Погба (29) летово ќе стане слободен играч и сигурно ќе го напушти Манчестер Јунајтед. Клубот не покажува интерес за продолжување на соработката, откако Погба ја одби првата и единствена понуда која му ја понудија од Јунајтед. ПСЖ досега најконкретно се поврзуваше со Погба, но островските медиуми, вклучително и „Гардијан“, синоќа пренесоа нова вест.

Манчестер Сити размислува за трансферот на Погба. Јасно Сити нема да платат оштета, а Погба ќе мора да се согласи на помала плата од онаа што ја имаше за Јунајтед.

Погба бил отворен за таква опција, имал желба да работи под водство на Пеп Гвардиола, пишува „Гардијан“, а во исто време, Гвардиола сметал дека Французинот би можел да игра малку подлабоко во средниот ред.

Сити бара засилување на таа позиција бидејќи летово ќе остане без капитенот Фернандињо.

Доколку се случи она што го најавуваат медиумите, тогаш тоа би бил контроверзен трансфер, сличен на оној на Карлос Тевез во 2009 година, кога од Јунајтед се пресели во Сити.

Погба во два наврати беше играч на Јунајтед – дојде како 16-годишник од Франција, но не доби шанса во првиот тим. Откако блескаше четири години во Јувентус, Јунајтед го врати во 2016 година за 105 милиони евра.

Според сите пишувања на островските медиуми во последните недели, во Сити треба да дојде Ерлинг Халанд, уште еден играч чиј менаџер беше неодамна починатиот Мино Раиола. Пол Погба би можел да ги следи неговите стапки.

Scroll to Top