Џенаро Гатузо повторно беше бесен на своите играчи, откако Наполи дозволи колапс против Верона по одличниот старт објаснувајќи дека не може да оди до супермаркет и да купи посветеност за 10 евра.
Наполи имаа совршен старт со гол по само 9 секунди на Чаки Лозано, најбрз во историјата на клубот, но потоа дозволија да примат три гола и Хелас да дојде до 3:1 победа, неколку дена по 2:0 поразот од Јувентус во Суперкупот на Италија.
„Јас ги носам одлуките, така што кога не победуваме, тоа е моја одговорност. Навистина е разочарувачки, бидејќи имавме вистински план за игра, креиравме четири-пет шанси во првото полувреме и не го ‘убивме’ натпреварот. Жалам што можевме толку многу, но ништо не направивме. Оваа Верона сака физички фудбал, и почнавме да го правиме тоа што го сакаат. Не е лесно, не можам да одам во супермаркетот и да купам посветеност за 10 евра. Тоа не може да се добие само со зборови“, вели Гатузо.