Top Sport

Наполи дадоа гол за 9 секунди, па загубија во Верона!

Верона по шест порази во низа против Наполи, стигна до 3:1 победа над тимот на Џенаро Гатузо, и покрај тоа што гостите поведоа по неверојатни 9 секунди на „Марк’Антонио Бентегоди“.

Ирвинг „Чаки“ Лозано по грешката на Федерико Димарко, даде гол по само 9 секунди од стартот на мечот, што претставува трет најбрз гол во историјата на Серија А. Наместо овој добар старт да го надополнат, Верона прво израмни во 34. минута токму преку Димарко, за во 62. минута Антонин Барак да направи целосен пресврт за 2:1 водство за Верона, пред Матија Ѕакањи во 79. минута да стави точка на натпреварот. Елиф Елмас доби мала шанса во 83-тата минута кога исходот веќе беше одлучен.

Наполи се шести со 34 поени, додека Верона сега е на деветтото место со 30 поени.

Џенова, пак, со 1:0 го победи Каљари и го турна клубот од Сардинија во зоната за испаѓање. Матија Дестро го постигна единствениот гол по 10. минути игра, а од 62. минута шанса доби и македонскиот капитен Горан Пандев. Со победата, Џенова прави малку простор до зоната за испаѓање – тие се 16-ти со 18 поени, додека Каљари сега се на 18. место со 14 поени.

Scroll to Top