Тренерот на Милан, Џенаро Гатузо вели дека чувствува дека ја има довербата на директорите на клубот и покрај шпекулациите во Италија дека со негативен резултат против СПАЛ овој викенд сигурно ќе ја заврши кариерата на клупата на „росонерите“.
Милан нема победа во последните пет меча, а во последните четири меча од Серија А дури нема постигнато гол! По ова во Италија се тврдеше дека тој добил ултиматум од шефовите на Милан, но Рино вели дека фудбалерите на треба да се грижат за тоа.
„Има големо разочарување и тоа ми е јасно. Ја поправивме одбраната, но сега не можеме да постигнеме голови. Имавме катастрофален декември, но имаме шанси да ја завршиме полусезоната со 31 поени, нешто што не ни успеваше последните години. Фудбалерите не треба да се грижат за мојата иднина, бидејќи јас чувствувам љубов и доверба од директорите иако е јасно дека ни се потребни резултати. Сакам да продолжам да работам, да ги изведам момците на вистински пат и да добијам шанса. Затоа, сега мислам само на утрешниот меч, бидејќи тоа е мојата иднина. За потоа, ќе видиме“, вели Гатузо.
Фото: ЕПА