Тренерот на Наполи, Џенаро Гатузо го предупреди својот добар пријател Андреа Пирло дека неговата фантастична кариера како фудбалер нема да има никакво значење сега откако стана тренер на Јувентус.
Пирло, сосема неочекувано и без искуство како тренер, го презеде Јувентус во саботата по отказот кој го доби Маурицио Сари по една сезона. Поранешниот магионичар со топката, кој со Јуве помина четири години и освои четири италијански титули, има две годишен договор во еден од најголемите европски клубови. Гатузо, кој играше со Пирло во Милан и во италијанската репрезентација беше иксрен околу тоа што го очекува пријателот.
„Па, сега е ’за.бан’. Тоа е работата. Има среќа што почнува во Јувентус, но ова е професија во која големата фудбалска кариера не е доволна. Мораш да учиш, да работиш напорно и не добиваш многу сон. Да се биде фудбалер и да се биде тренер се две ралични професии. Има работи кои не се учат од книгите. Светот е различен“, изјави Гатузо по поразот на Наполи од Барселона во ЛШ.
Гатузо првпат стана тренер во швајцарскиот Сион, а потоа работеше и со Палермо, ОФИ Крит и Пиза, пред да добие шанса да го преземе младинскиот тим на Милан во 2017. Тој доби шанса да го преземе првиот тим по отказот на Винченцо Монтела, но и самиот доби отказ по сезоната 2018/19 по само петтото место со Милан, пред да го замени Карло Анчелоти во Наполи и со нив да го освои трофејот од Копа Италија.