Турскиот милијардер, Али Коч кој е сопственик на фудбалскиот клуб Фенербахче од Турција планира да го преземе македонскиот фудбалски бренд, ФК Вардар и да го направи филијала на турскиот клуб, пишува денеска угледниот турски весник „Фанатик“.
Медиумот пишува дека Коч веќе контактирал со челните луѓе во Вардар и понудил неколку модели на соработка.
За почеток Вардар би станал филијала на Фенербахче и во скопскиот клуб би настапувале млади фудбалери и оние кои во клубот од Истанбул би имале мала минутажа.
„Ни фали филијала, многу играчи не добиваат простор и минутажа да се развиваат. Ако имаме покрај себе таков клуб, многу би било подобро“. изјавил Коч.
Турците пишуваат дека Коч може да го купи клубот затоа што тој е во финансиски проблеми поради кои идната сезона ќе се натпреварува во втората македонска лига.
Вардар 11 пати беше шампион на Македонија, а пред 4 години играше во групната фаза на Лига Европа откако претходно го елиминираше токму Фенербахче во квалификациите.