Тимот на Гејнсборо тринити од Линколншајр во саботата загубија со 3:2 откако водеа со 2:0 против Телфорд за првпат во својата 145-годишна историја да испаднат од лига.
Гејнсборо, клуб формиран во далечната 1873 година немаше испаднато од лига, но во сите 145 години ниту еднаш не успеале да влезат во повисок ранг. На почетокот тие беа дел од Фудбалската лига, пред да не бидат избрани за натпреварувањето во 1912 година, и оттогаш менувале лиги само кога лигите се менувале! Сега тие откако примија три гола во 15 минути испаднаа во Северната премиерлига (седма по ранг во Англија).
„Не испаднавме 145 години, но исто така не влеговме ниту во ранг погоре. Се надевам дека следната година ќе се вратиме и ќе поставиме нов рекорд“, вели претседателот на клубот Ричард Кејн за „Би-би-си“.
Еден фактор за испаѓањето на Гејнсборо е тоа што тимот е полу-аматерски, додека другите клубови во лигата се професионални.
„Да бидам искрен, последните две-три сезони бевме блиску до испаѓање, но едноставно немавме средства за поголеми инвестиции. Има 10 клуба кои се професионални со буџет од 20.000 фунти неделни. Ние сме градче од помалку од 20.000 луѓе и игравме против клубови како Јорк, кои имаат 200.000 жители. Тоа е фудбалот“, додава Кејн.