Технологијата на видео-снимки во фудбалот, ВАР, ова лето на голема врата влезе во спортот преку Светското првенство, а откако беше воведена во Италија и Германија, од следната година ќе ја има и во англиската Премиер лига. Но, скапата технологија секогаш не е неопходна, како што покажува еден пример од Турција.
Иако во турската Суперлига постои ВАР, помалите лиги секако не можат да си ја приуштат, така што на еден средношколски турнир во Денизли организаторите добија брилијантна идеја, а им беше потребен само еден телефон и еден лаптоп.
„Еден наш ученик ни даде идеја како да го воведеме ВАР на нашите натпревари. Сега полесно се решава која одлука е добра и нема да има тимови кои ќе сметаат дека се оштетени“, вели турскиот учител Али Алпер Савуран.