Top Sport

Рамос: Како што гледате, во лов сме на титули и без Роналдо

Капитенот на Реал Мадрид, Серхио Рамос признава дека Кристијано Роналдо бил „многу одлучувачки“ за клубот, но инсистира дека и без Португалецот, „кралевите“ се борат за титули на сите фронтови.

Отсуството на Роналдо беше сметано како фактор за слабиот старт на сезоната 2018/19, и прва жртва беше Хулен Лопетеги кој беше отпуштен по нецели три месеци на чело на европските шампиони.

И новиот тренер Сантијаго Солари немаше најдобар старт, но сепак, Реал уште се во игра за титули од Ла лига и од Лигата на шампионите, но прво можат да ја освојат по третпат едноподруго титулата од Светското клупско првенство во Абу Даби.

„Не мислам дека има некоја голема разлика на теренот. Имаме сличен тим и покрај отсуството на Кристијано, кој беше многу одлучувачки фудбалер за нас. Се натпреваруваме како секогаш досега, победата секогаш е главната цел“, вели Рамос.

Мадрид го отвараат настапот на Светското клупско првенство против јапонскиот Кашима антлерс во полуфиналето в среда и Рамос додава дека нормално дека трофејот е главната цел.

„Реал Мадрид имаат голема историја зад нив, но не можеме да сметаме на тоа, бидејќи грбот на дресот не ги победува натпреварите. Секоја година конкуренцијата е посилна, но имаме искуство за големи работи“, завршува Рамос.

Фото: ЕПА

Scroll to Top